Луис Енрике е апсолутен фаворит за селекторската функција во шпанскиот национален тим, на состанокот што денеска ќе биде одржан во Шпанската Фудбалска Федерација. Претседателот Луис Рубиалес во изминатите денови имал кратки средби со неколкуте кандидати, по што Кике Флорес и Мичел отпаднале од конкуренција, а Енрике станал прва опција за нов предводник на „црвената фурија“.
Согласно Статутот, најпрвин ќе биде избран нов директор на местото на Фернандо Јеро, улога што ќе му припадне на поранешниот шпански репрезентативец Карлос Маркена. Потоа, директорот на предлог на претседателот Рубиалес ќе учествува во изборот на новиот селектор, каде се очекува да нема преголеми дилеми. Луис Енрике и летово не најде клуб по свој вкус и е слободен за ангажман, станува збор за стратег кој инсистира на допадлив офанзивен фудбал, што го прави одлична опција за „црвената фурија“.
Како опција беше споменуван и Роберто Мартинез, но овој стручњак ќе остане на чело на Белгија и по завршувањето на СП 2018, откако ја одведе оваа селекција до мундијалско полуфинале, притоа елиминирајќи го големиот фаворит Бразил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА