Шпанските медиуми, пред се оние од Валенсија, очигледно не знаат да ја прифатат вистината околу македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски, па тешко ја примија неговата изјава како гостин во подкастот на Стефан Лазаров, околу причините за неговата минимална минутажа во клубот.
Отворено зборувајќи на повеќе теми, Димитриевски, меѓу другото, нагласи дека голманот Хулен Агирезабала брани затоа што мора да има 30 настапи сезонава, во спротивно Валенсија ќе мора да му плаќа пенали на Атлетик Билбао.
„Нема конкуренција. Не е ниту важно дали јас бранам добро или не“ – прокоментира Димитриевски во дел од подкастот.
И, тоа е апсолутната вистина кога е во прашање Валенсија и Димитриевски. Столе не кажа апсолутно ништо невистинито ниту пак погрешно, факт е дека уште пред една и пол година му беа дадени лажни ветувања кога од бројните понуди ја избра токму онаа на Валенсија, па токму затоа изненадува бурната реакција пренесена преку „Супердепорте“, портал што важи за исклучително близок до сите спортски колективи во Валенсија.
„Македонецот ги нападна сите за време на криза, во моменти кога тимот ена работ на испаѓање, време кое бара единство и ставање приоритет на колективот пред индивидуалните интереси. Дали Македонецот почна да ги ескалира тензиите и да се подготвува за зимскиот преоден рок? Се чини дека сето тоа е дел од стратегија. Без разлика дали е така или не, Столе ќе биде принуден да даде објаснувања по враќањето од репрезентативните обврски“ – пишува дополнително „Супердепорте“ продолжувајќи ја, како што самите пишуваат „аферата Димитриевски“.
Но, факт е дека „афера Димитриевски“ не постои. Единствен факт е дека оние блиските до Валенсија очигледно не може да се соочат со вистината која се случува во клубот, за што сведочи и изјавата на легендата на Валенсија, Санти Кањизарас кој застана во одбрана на Столе Димитриевски.
„Валенсија постојано негува еден некоректен однос кон Димитриевски. Го доведоа бесплатно во клубот, а си подигруваат со неговата кариера. Ако си го довел бесплатно, а не сакаш да го користиш, тогаш, во најмала рака, мораш да му дозволиш слободно да го напушти клубот. Се друго е неправда“ – истакна претходно Кањизарес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

