Шпанците го чекаат ривалот во финалето: Белгија посакува одмазда против Франција

Шпанија е првиот финалист во новото издание на Лигата на Нации, а „црвената фурија“ вечерва ќе го добие ривалот за неделното финале, во полуфиналната пресметка во која во Торино ќе се сретнат Белгија и Франција. Станува збор за две селекции кои разочараа на ЕВРО 2020 губејќи во раната нокаут-фаза (Белгијците во четвртфиналето од Италија, а Французите во осминафиналето од Швајцарија).

Белгијците се надеваат на одмазда за поразот од Франција во полуфиналето од СП 2018, за нов обид „црвените ѓаволи“ со оваа суперталентирана генерација конечно да стигне до еден трофеј. Избраниците на Роберто Мартинез на последните девет меча имаат осум победи и само еден пораз (од Италија во четвртфиналето од ЕВРО 2020). Добра вест за белгискиот селектор е што Де Бруине е максимално подготвен за настап, па асот на Манчестер сити заедно со Ромелу Лукаку ќе биде главен адут на својата репрезентација на вечерашниот дуел.

На спротивната страна, Франција игра далеку под своите можности во последно време. „Триколорите“ по шокантниот пораз и елиминацијата од Швајцарија одиграа слабо и во квалификациите за СП, ремизирајќи со Украина и со БиХ.

Проблем повеќе за Дешамп е што за денешниот дуел на располагање ќе го нема Нголо Канте, чие отсуство секогаш остава длабока трага врз изданијата на „триколорите“.

„Европското првенство го оставивме зад нас. Играме за трофеј, а во полуфиналето се среќаваме со една од најдобрите репрезентации на светот. Направивме се за да ја минеме силната група во која се наоѓавме, тоа е јасен знак колку го посакуваме овој пехар. Ќе сториме се за да ја победиме Белгија и да се пласираме во финалето“, истакна Дешамп.

Се вчитува...