Шпанскиот тренер Амброш Мартин на крајот на сезоната ја напушта клупата на актуелниот европски шампион Ѓер и се сели во Ростов. Мартин, кој претходно беше тренер на шпанскиот Итако, во Унгарија стигна во 2012 година и во изминатите шест години со Ѓер освои три шампионски титули во Лигата на шампионите. Во својата завршна сезона на клупата на унгарскиот тим, Шпанецот ќе има шанса да стигне и до четвртиот пехар пред домашните навивачи на Ф4 во ЛШ во Будимпешта и на подиумот да ја заврши унгарската епизода во својата кариера, а потоа да тргне во руската авантура со Ростов.
„ Тоа беше најтешката одлука во мојот живот. Во претходните шест години во Ѓер доживеав многу убави моменти. Моето срце секогаш ќе биде овде, но во главата решив да одам. Тоа нема да се одрази на оваа сезона во која сакам да освоиме се“ – изјави Амброш Мартин за „Немзети спорт“.
Шпанскиот стратег извесен период беше и селектор на репрезентацијата на Унгарија, а моментно паралелно со Ѓер, ја предводи селекцијата на Романија.
Со преселбата на Амброш Мартин на клупата на Ростов продолжува шпанскиот тренд во рускиот ракомет. Пред него ангажман во Русија доби и шпанскиот тренер во Вардар, Давид Дејвис кој е помошник во стручниот штаб на машката репрезентација на Русија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА