Шпанците нема да го сменат Енрике: Селекторот ја има поддршката во овој тежок период

Луис Енрике ќе остане на селекторската функција во шпанската репрезентација, без оглед на фактот што нема да ја води „црвената фурија“ на следните две квалификациски средби со Фарските Острови и со Шведска. Трофејниот стручњак поради семејни прични го напушти репрезентативниот табор пред мечот со Малта, а ситуацијата очигледно е сериозна бидејќи тој нема да седи на клупата ниту на јунските квалификациски натпревари.

Иако постоеја најави дека Енрике самиот ќе се повлече или договорот обострано ќе биде раскинат, директорот на Шпанската Фудбалска Федерација, Хозе Франциско Молина јасно стави до знаење дека Луис Енрике ќе продолжи да ја води „црвената фурија“.

„Селекторот не може да биде денеска овде поради истите причини поради кои замина од Малта, ниту ќе биде на клупата со Фарските Острови и со Шведска. Голема благодарност до новинарите и до целокупната јавност што го почитуваат барањето за приватност на Луис Енрике во овој тежок период за него и неговото семејство. Селекторот знае дека ја има поддршката на сите во федерацијата во овој тежок момент, не можеме да кажеме кога точно ќе се врати, но желба на сите е тој уште долго да ја води шпанската репрезентација. Немаме поставено краен рок бидејќи најважно од се е ситуацијата да биде надмината“ – истакна Молина на денешната прес-конференција.

Се вчитува...