Шпанците се „тресат“: Најголемите хулигани од Аргентина доаѓаат во Мадрид

Шпанските власти стравуваат од сериозни инциденти пред и за време на мега-пресметката меѓу Ривер плата и Бока јуниорс, откако најголемите аргентински хулигани добиле зелено светло од својата држава за да допатуваат во Мадрид и да ги бодрат своите тимови. Станува збор за озлогласени навивачи со бројни инциденти и кривични пријави зад своите имиња, речиси сите имаат забрана за патување надвор од границите на Аргентина, па токму затоа изненадувачки делува одлуката на аргентинските власти да им доделат дозвола за пат до Мадрид само за овој натпревар.

Главниот „водач“ на фановите на Бока јуниорс, Рафа Ди Зео, веќе објави дека доаѓа во Мадрид за да го бодри својот тим на „Сантијаго Бернабеу“. Самото негово доаѓање значи и палење  на „светлото за аларм“, со оглед на бројните инциденти во кои Ди Зео е вмешан во последните години. Со документот добиен од аргентинскиот суд тој може без проблем да пристигне во Мадрид, а шпанските власти немаат начин да го запрат неговото влегување во државата. Ди Зео во Аргентина има забрана за влез на стадион што му важи и за Европа, но јасно е дека тој ќе стори се за да се најде на трибините на „Бернабеу“.

Зелено светло за пат до Шпанија добија и „најжешките глави“ меѓу навивачите на Ривер. Слично како и во случајот на Ди Зео, тие имаа забрана за напуштање на државата, но аргентинскиот суд им издаде дозвола да можат непречено да полетаат за Мадрид.

„Ова никако не е добро за вас, бидејќи премногу хулигани ќе минат неколку дена во вашата земја“ – им порачуваат аргентинските медиуми на Шпанците.

А на домаќините дефинитивно не им е сеедно, бидејќи им е јасно колку малку треба за фудбалскиот празник да се претвори во хаварија. Впрочем, сведоци бевме на такво нешто пред реваншот во Буенос Аирес.

Се вчитува...