Шпанскиот селектор Хулен Лопетеги се соочува со сериозни проблеми на само неколку дена пред стартот на СП 2018, откако двајца стандардни првотимци се пожалија на повреди за време на денешниот утрински тренинг во Русија. Жерар Пике и Давид Силва не успеаја да го завршат тренингот, па во текот на денешниот ден врз нив ќе бидат извршени детални прегледи кои ќе покажат дали овие двајца фудбалери ќе бидат во можност да настапат на премиерниот меч од мундијалот, што „црвената фурија“ ќе го игра веќе в петок против европскиот првак Португалија.
Посериозна се чини ситуацијата околу Пике, кој се пожали на болка во левото колено и експресно се упати кон соблекувалната на шпанскиот состав. Како што јавува весникот „Марка“, дефанзивецот лошо згазнал и почувствувал силна болка во коленото уште при првичното загревање, па сега Лопетеги со неизвесност ќе ги исчекува резултатите од лекарските прегледи.
Што се однесува до Силва, тој се пожалил на болка во мускулот, но на одличниот плејмејкер му се даваат повеќе шанси за настап против Португалија отколку на Пике. Изборот на дефанзивец кој би играл крај Рамос во секој случај е посериозен проблем отколку на играч за врска кој би го заменил Силва, со оглед на големиот број генијалци што Шпанците ги имаат во овој дел од тимот, наспроти слабиот фонд на врвни одбранбени играчи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

