ЕКИПА во Келн,
Стеван Цаневски
Арпад Штербик лани дојде „од дневна соба во сала“ и помогна Шпанија да стане европски првак, а екс-голманот на Вардар повторно би можел да биде дополнително вклучен во тимот на „црвената фурија“ по повредата што денеска ја заработи Родриго Коралес.
Шпанците по синоќешниот пораз од Хрватска утрово допатуваа во Келн, но на самиот почеток од тренингот Коралес заработи повреда на левата нога. Повредата е максимално бизарна, откако целиот ред со лед-реклами крај едната аут-линија паднал директно на теренот. Настрадале неколку ракометари, од кои најлошо минал Коралес, чиј настап во натамошниот дел од шампионатот е крајно неизвесен.
Лекарите во наредните часови ќе се обидат да го оспособат Коралес за настап на утрешниот дуел со Франција, но многу поверојатно е дека ќе следи повик до Штербик, кој би пристигнал во Келн и веднаш би му се ставил на располагање на селекторот Рибера.
Лани Штербик во Хрватска го зазеде местото на повредениот Гонзало Перез де Варгас и ја одведе Шпанија до златото, но овојпат предизвикот ќе биде уште поголем бидејќи „фуријата“ по поразот од Хрватска не смее да си дозволи втор „кикс“ во главната рунда, па ќе мора да брка две победи против Франција и Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА