Вардар победнички ја завршуваат годината во Лигата на шампионите. Во последниот натпревар во групната фаза од ЛШ во оваа календарска година, вардарци пред својата публика во СЦ „Јане Сандански“ го победија Кристијанштад со 31-15 и ќе презимат со предзнакот единствена непоразена екипа во Лигата на шампионите сезонава. За европскиот шампион ова е осма победа сезонава со која се зацврстуваат на лидерската позиција во групата А. Како и на претходните девет и на овој десетти меч во групната фаза, Вардар функционираше беспреконо и демонстрираше воиграност, сигурност и надмоќ на теренот.
Вардар ја имаше иницијативата, но Кристијанштад во првите 12 минути од натпреварот успеваше да држи чекор и не му дозволи на домаќинот да направи повеќе од еден гол предност. Најголема заслуга за тоа имаше голманот Капелин кој забележа пет интервенции во првите десет минути.
По неколку неуспешни обиди, вардарци прв пат на +2 (4-2) дојдоа во 13 минута со вториот погодок на Тимур Дибиров. Арпад Штербик одново беше во елемент на голот на Вардар, а Дибиров казнуваше во напад доведувајќи ги „црвено-црните“ во водство од 7-3 во 18.минута. Тоа го принуди Ола Линдгрен да побара тајм-аут и да се обиде да ја прекине серијата на Вардар. Но, вардарци веќе се одлепија, играа стандардно сигурно во одбраната и со заднинска поддршка од Штербик, имаа комплетна контрола на играта и на резултатот.
На седум минути пред крај на полувремето Игор Карачиќ со мајсторски погодок ја зголеми предноста на Вардар на 10-5. Подеднакво сигурно како одбраната, функционираше и нападот на „црвено-црните“, што резултираше со убава супериорна игра и сигурно водство што се зголемуваше од минута во минута. Во последните три минути од првиот дел, Вардар влезе со водство од 13-7, а разликата од највисоки +6 остана и на полувремето (14-8).
Фантастичниот почеток на второто полувреме и серијата од 4-0 на Вардар му донесе двоцифрена предност (18-8) веќе по првите осум минути во кои шведскиот состав никако не успеваше да го совлада Штербик и да дојде до погодок. Доминантната игра на Вардар во нападот и беспрекорноста во одбраната заедно со Штербик, го доведоа Кристијанштад во немоќна позиција. Гостите се повеќе грешеа и тешко наоѓаа решение, а вардарци рутински ја зголемуваа предноста. Шведскиот состав на стартот од последната четвртина имаше само девет погодоци, а Вардар веќе беше на +14 (23-9). Шоуто на Штербик и голеадата на вардарци продолжи и во наредните минути во кои шампионот рутински дојде и на +16 (25-9) оставајчи ги Швеѓаните со очаен еден гол за 20 минути игра! И згора на тоа Штребик го одбрани и седмерецот на Соренсен за уживање на домашната публика и уште поголема нервоза кај гостинскиот тим. Конечно, Швеѓаните дури во 41 минута го постигнаа десетиот погодок намалувајќи на 25-10. До крајот се беше рутина и ревија на успешни одбрани и убави голови на Вардарци за нов вкупно осми триумф во ЛШ сезонава.
Тимур Дибиров постигна седум, Игор Карачиќ беше стрелец на пет, а по четири погодоци за Вардар постигнаа Иван Чупиќ и Хорхе Македа. Вистинско шоу на голот на црвено-црните имаше Арпад Штербик со 18 одбрани. Кај Кристијанштад најефикасен беше Тим Соренсен со четири погодоци.
По зимската пауза во резервирана за репрезентативните подготовки и за Европското првенство во Хрватска во јануари, натпреварите од групната фаза од Лигата на шампионите продолжуваат во февруари. Вториод дел од сезоната во ЛШ, Вардар го продолжува на 10 февруари на гости против Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА