Шпанија е новиот европски шампион во ракомет, откако во вечерашното финале „црвената фурија“ го декласираше составот на Шведска со убедливи 29-23. Извонредната одбрана во второто полувреме на чело со голманот Арпад Штербик беше клучен фактор во ова финале, шведските ракометари не успеаја да се адаптираат на шпанската зона „пет – еден“, па по очајните 30 минути игра заслужено претрпеа убедлив пораз. За Шпанија ова е прво европско злато и комплетирање на колекцијата на трофеи на оваа ракометна селекција, која претрпе порази во претходните четири финалиња на ЕП, последниот пред две години во Краков од Германија.
Стартот на мечот мина во брзи реализации на двете страни, а прв од голманите во ритам влезе Апелгрен. Шведскиот чувар на мрежата набрзина нанижа неколку интервенции, овозможувајќи и на својата репрезентација да влезе во серија. Скандинавците поведоа со 7-4, а потоа промашија и зицер за „плус четири“, по што Шпанците успеаја да се вратат. На голот на „фуријата“ при водство на Шведска од 11-9 застана Арпад Штербик, откако Коралес во првите дваесет минути имаше само три успешни интервенции. И Штербик не беше во посакуваниот ритам, во десетте минути на теренот одбрани само еден удар на Швеѓаните, кои заслужено заминаа на одмор со предност од 14-12.
Шпанија на стартот од второто полувреме заигра „пет – еден“ во одбрана, создавајќи им огромни проблеми на шведските ракометари. „Сино-жолтите“ шест минути беа без постигнат погодок, а „црвената фурија“ го искористи тоа и поведе со 15-14. Првиот гол за Шведска во второто полувреме го постигна Закирсон во 37. минута, но проблемите за скандинавската селекција се продлабочија, се разбрани и Штербик, па во 39. минута Шпанија стигна и до „плус три“ (18-15). Швеѓаните до 42. минута веќе имаа 12 загубени топки, а шпанскиот состав го казни тоа за водство од 19-15, принудувајќи го противничкиот селектор за само дванаесет минути да ги искористи двата тајмаути за второто полувреме.
Тензијата во шведскиот табор беше очигледна, оваа селекција постигна само два гола за 20 минути игра во второто полувреме, промашувајќи и пенал, а имајќи и неуспешен обид за гол од „брз центар“, што го спречи Алекс Душебајев со извонреден скок и интервенција од линијата за шест метри. Тоа им овозможи на шпанските ракометари да стигнат и до огромни „плус седум“ (23-16), сигурно чекорејќи на патот кон трофејот што и недостигаше на „црвената фурија“.
Последните десетина минути Шпанците ги одиграа рутинерски, лесно контролирајќи го резултатот се до конечните 29-23.
Соле и Балагер со по пет гола беа најаефикасни кај Шпанија, додека Штербик имаше осум успешни интервенции. Кај Шведска голманот Апелгрен имаше 15 интервенции, додека Нилсен беше прв стрелец со пет гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА