Дојде крај на неверојатната кариера на Арпад Штербик, откако врвниот голман обелодени дека на крајот на сезонава ќе му каже збогум на ракометот. Голманот кој во последните 20 години блескаше на ракометните терени ширум Европа, најави дека од јуни ќе му се посвети на семејството.
„Среќен сум. Ако сум искрен, морам да признам дека размислував за овој потег веќе четири-пет години. Секогаш имаше нешто што ме предомислуваше, што ме тераше да одам напред. Ракометот е дел од мојот живот, ќе остане дел и кога ќе се пензионирам, но не чувствувам тага од ваквиот потег. Дома ме чекаат жена и две убави деца, немам зошто да бидам тажен. Исто така, сакам и навивачите да не тагуваат, бидејќи ако бидам неопходно ќе дојдам да помогнам“, објави Штербик.
Шпанскиот ас за нас останува најпрепознатлив по големиот успех со Вардар и освоената прва титула во Лигата на шампионите. Штербик во кариерата има уште три европски круни, со Сиудад Реал, додека со шпанската репрезентација освои две златни одличја, на СП во Шпанија во 2013 и на ЕП во Хрватска во 2018 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА