ЕКИПА во Келн,
Симон Котларов
Вардаровиот голман Арпад Штербик немаше вчера некоја посериозна улога во полуфиналната пресметка против Монпелје во која „црвено-црните“ загубија и се збогуваат од европската шампионска титула.
Но, Штербик е реален нагласувајќи дека Вардар едноставно не бил на нивото и не заслужи да игра за одбраната на трофејот…
„Не бевме на посакуваното ниво, онака како што знаеме да одиграме. Посебно потфрливме во одбраната која пресуди околу конечниот победник, па Монпелје заслужено е во финалето. Дел до актуелните ракометари по овој Ф4 заминуваат од Вардар, па мене и тоа како ми е жал што на ваков начин ќе се разделам од Вардар каде минав прекрасни години. Но, тоа е ракометот, едноставно не заслуживме финале овој пат“ – вели Штербик, дополнувајќи дека во секој случај желбата е со победа против ПСЖ во битката за третото место да се заокружи настапот во Келн.
„Многумина очекуваа Вардар и ПСЖ да играат во финалето, но ете ќе се соочиме во еден друг меч. Секако, ќе се обидеме да дојдеме до победата“ – вели Штербик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА