Младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 19 години загуби од Унгарија со 3-4 (2-2) во вториот меч од елитните квалификации на УЕФА, со што ги загуби сите можности за пласман на ЕП.
Избраниците на Вујадин Станојковиќ беа далеку подобар противник од Унгарците, но сето тоа залудно кога не се искористија бројните шанси, пред се во вториот дел за триумф. Па, на крајот во голеадата на „Петар Милошевски“ добивме казна од Унгарците кои иако имаа негатива од 3-2 на крајот со голот на Беварди во 82. минута дојдоа до победата од 3-4.
Унгарците поведоа со голот на Мочи уште во 4. минута од средбата, а избраниците на Вујадин Станојковиќ израмнија со голот на Бојан Колевски во 12. минута. Унгарија повторно дојде до водство во 36. минута со голот на Шон, но за да имаме резултат кој во вториот дел ќе ни овозможи и битка за триумф се погрижи Димитар Митровски со погодок во судиското продолжение…
Во вториот дел Македонија диктираше ритам. Трапановски најпрво во 46. минута ја погоди гредата од голот на Унгарија. Потоа серија шанси имавме преку Колевски и Елмас но не искористивме, а во 56. минута Митровски не успеа да искористи и удар од белата точка.
Сепак, сосема заслужено во 64. минута стигнавме до водство со убавиот погодок на Бојан Колевски…
Унгарците израмнија од сомнителен пенал во 67. минута, за да до триумфот дојдат во 82. минута откако претходнo македонските фудбалери не реализираа уште две 100% шанси.
Во вториот натпревар од групата Англија лесно ја совлада Летонија со 3-0, по што островјаните го обезбедија настапот на Европското првенство за фудбалери до 19 години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА