ШТЕТА…. „Пелистерци“ го имаа „во рака“ гигантот ПСЖ среде Париз, но упропастија се во последните пет минути (ФОТО)

Ракометарите на македонскиот шампион Е. Пелистер го запишаа првиот пораз во 2. коло од Групата Б од Лигата на шампионите, и покрај тоа што имаа извонредна можност за вистинска сензација на гостувањето против францускиот гигант ПСЖ. И покрај тоа што „пелистерци“ демонстрираа одлична игра и ги имаа „во рака“ Французите, на крај со неверојатно деконцентрирана игра во последните пет минути од мечот дозволија пораз од 33-27.

ПСЖ подобро го почна мечот преземајќи ја контролата на резултатот од стартот со постојано водство. Во 24. минута ПСЖ имаше предност и од 16-11, но со извонредна серија од 0-5 „пелистерци“ дојдоа до 16-16 на полувремето.

Во второто полувреме, продолжи одличната игра на македонскиот шампион кој веќе во 38. минута дојде до целосен пресврт и со предност од 18-21. Калкулирајќи го и финишот на првиот дел, за 14 минути феноменална серија на Пелистер од 2-10, која даде надеж и за триумф на гостувањето во Париз.

фото: facebook/ RK Eurofarm Pelister

Потоа во следните три минути Е. Пелистер ја одржуваше предност се до 20-23, за да ПСЖ во продолжението успеа да дојде до израмнување и игра гол за гол со максимална израмнетост се до 52. минута (27-27).

Но, во последните минути неверојатен пад во играта на македонскиот тим и Французите со четири едноподруго гола дојдоа до 31-27 на две минути до крајот, по што веќе беше познат победникот. До крајот уште два гола на ПСЖ за конечна, веќе и убедлива победа од 33-27.

фото: X/ psghand

Во победничкиот тим се издвои Пранди со 11 голови, а осум даде Шипжак, додека кај Е. Пелистер, Манасков постигна пет гола а Кузмановски – четири гола. Голманот Митревски имаше девет одбрани.

Следен натпревар за македонскиот шампион во ЛШ е дуелот со данскиот ГОГ Гудме во среда од 20:45 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.

Се вчитува...