ШТЕТА: Пораз што боли, но нема време за „плачење“ (фотогалерија)

Македонија по две години пауза е поразена на домашен терен, откако „црвено-жолтите“ вечерва загубија со минимални 0-1 од Полска. Порази од носителите во групите се нешто вообичаено за нашиот национален тим, но овојпат боли многу повеќе – бидејќи Македонија дефинитивно е многу посериозна селекција во споредба со минатото, но и бидејќи Полска со прикажаната игра апсолутно не заслужи три бода во Скопје.

Во земја со „два милиони селектори“ сигурно ќе се јават голем дел од нив да кажат каде Ангеловски ја згрешил селекцијата, што и како можело подобро, но останува фактот дека за успех на вакви натпревари треба и малку среќа, а токму таа ни го сврте грбот. Впрочем, што друго да се додаде освен дека Полска дојде до цел плен со само еден единствен шут во рамките на нашиот гол, и тој „лудо среќен за Полјаците“ по големата грешка на Алиоски.

А токму сознанието дека сме биле толку блиску најмалку до реми ќе придонесе разочарувањето кај нашите фудбалери и стручниот штаб да биде уште поголемо. Само што – време за тагување нема, мора веднаш фокусот да се сврти кон Австрија, бидејќи триумф в понеделник ќе ја врати Македонија како сериозен конкурент во трката за место на ЕВРО 2020.

 

 

Се вчитува...