Кадетската репрезентација на Македонија не успеа да приреди изненадување на стартот на Европското првенство што се одржува во Подгорица, губејќи од фаворитот Франција со минимални 28-29. Македонските млади ракометари одиграа одличен меч во кој целосно му парираа на големиот фаворит за медал. За жал, последните секунди беа клучни за конечниот исход, Французите се одлепија и славеа, но во секој случај радува трендот што нашите млади селекции веќе влегуваат во средбите за да се надигруваат со сите противници, вклучително и селекциите од самиот европски врв, како што тоа беше случај на М20, така и на ова М18 европско првенство.
Македонските ракометари одлично го отворија мечот поведувајќи со 3-0 и со 5-2, но Французите влегоа во одлична серија од пет гола и стигнаа до целосен пресврт (5-7). Пецаноски ја прекина низата на противникот, Македонија набрзо потоа израмни на 7-7, по што до крајот на полувремето се играше израмнет ракомет и на одмор се замина со резултат 14-14. Нашите млади ракометари целосно парираа и во голем дел од второто полувреме, без оглед на чудниот судиски критериум од судијките на овој натпревар.
При 23-22 и промашен зицер на Французите судијките долго се консултираа, не само да подарат пенал на противникот, туку и престрого да доделат црвен картон на нашиот играч Ристевски, кој беше еден од клучните ракометари во дефанзивната зона на Македонија. При 22-24 не реализиравме пенал, но избраниците на селекторот Танески не се предадоа, на седум минути до крајот намалувајќи на 25-26 за противникот. Ниту тогаш Македонија не се предаде, продолжи со фанатична игра и успеа да стигне до израмнување на 28-28, откако Петрески од пенал го погоди дирекот, но топката се врати до него и од втор обид ја смести во мрежата, за израмнување на помалку од една минута до крајот. Францускиот селектор побара тајмаут, а за наша голема жалост „триколорите“ постигнаа победнички гол на десет секунди до крајот, преку Бурде за конечни 28-29.
Николовски имаше 13 успешни интервенции на нашиот гол, а најефикасни во нападот беа Митев со девет и Петрески со шест погодоци.
Mакедонија утре во второто коло од својата група ќе се сретне со селекцијата на Германија, меч закажан за 12 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА