Штета: Валенсија ја запре и Холандија, но предвреме го заврши мундијалот

Холандија и Еквадор ремизираа 1-1 во вториот натпревар од второто коло во групата А, меч што го одбележа новиот погодок на Енер Валенсија со кој Еквадорците избегнаа пораз од аутсајдерот во групата. Асот на Фенербахче веќе има три гола зад своето име, но за жал несреќно го заврши настапот на СП бидејќи во самиот финиш заработи незгодна повреда и на носилки мораше да биде изнесен од теренот.

Мечот почна идеално за фаворитот Холандија, откако „лалињата“ ја искористија својата прва шанса на натпреварот. Коди Гакпо прими топка на работ од шеснаесетникот и веднаш биеше, со силен удар затресувајќи ја мрежата на противникот. Раното водство како да ги задоволи избраниците на Луј ван Гал, кои веќе не тргнуваа така сериозно кон противничкиот гол, се почесто губејќи ги и битките на средината од теренот.

Еквадор имаше еден сомнително поништен погодок пред самиот крај на првото полувеме, а потоа заслужено израмни на почетокот од вториот дел преку Енер Валенсија, кој вечерва го постигна својот трет погодок на овој мундијал. Селекцијата од Јужна Америка ја имаше и најубавата шанса за победа, кога ударот во 59. минута ја затресе гредата од голот на „лалињата“.

Еквадорците во третото коло ќе водат битка за пласман во осминафиналето против Сенегал, меч на кој дефинитивно ќе мора да се снаоѓаат без својот најдобар фудбалер Енер Валенсија.

Се вчитува...