Кошаркарската репрезентација на Македонија претрпе пораз од 72-80 на домашен терен од Романија, во првото коло од претквалификациите за СП 2027. Големата желба не беше доволна за да се покрие неискуството, потклекнавме во клучните моменти и во последните четири минути му дозволивме на гостинот да се одлепи и да стигне до голема победа во полната сала во Куманово. Американецот Вајли одигра одличен натпревар, но и тоа беше недоволно за да се стигне до позитивен резултат против романскиот состав кој погоди дури 12 тројки (Македонија шутираше 6/26 од далечина).
Селекторот Илиевски се реши за стартна петорка со Магдевски на плејмејкер, заедно со Митревски, Мекиќ, Вајли и Какруки, но гостите отворија со две тројки во првите два напада и водство од 0-6. Почетните минути ги одигравме во грч, а првите поени ги постигнавме на почетокот од 4. Минута преку Магдевски, по украдената топка и асистенцијата на Адем Мекиќ (2-6). Андреј Митревски постигна пет поени во низа намалувајќи на 9-12. Вајли донесе енергија, најпрвин со асистенција до Мекиќ, а потоа и второ атрактивно забивање на мечот, проследено и со прва тројка и водство на Македонија од 16-12, по што романскиот селектор беше принуден да побара тајмаут. Советите вродија со плод, па по измените во двете селекции Романците поведоа со 16-17, за Македонија сепак да ја заврши четвртината со минимално водство од 18-17, по поените на Хот.
Скок-играта ни создаваше огромни проблеми, па Романците поведоа со 20-23 во 12. минута, а серијата на гостите продолжи со нови поени по офанзивен скок, за 20-27. Македонија конечно поентираше преку Вајли, заигравме и подобра одбрана, па по трите поени на Мекиќ за 27-29 следеше нов тајмаут на романскиот селектор. Симиќ погоди тројка за враќање на Македонија во предност (30-29), промашивме и два анпада за поубедливо водство, по што на одмор се замина со резултат 32-31 за нашата национална селекција.

Второто полувреме почна со офанзивен скок и нови поени на Вајли, но Романците во своите први два напада реалзиираа по офанзивни скокови, користејќи ја старата болка во нашата игра. Проработе и шутот од далечина на гостинот, па Романците по третата тројка во третата четвртина поведоа со 40-44, нешто подоцна и со 42-48 со новата тројка по една наша грешка во одбраната. Симиќ со втората тројка на мечот ја преполови негативта на 45-48, а по четирите промашени слободни фрлања на Романците и 3/4 од истата позиција на нашиот Виктор Ташовски, успеавме да израмниме на 48-48. Пред крајот на четртината три слободни фрлања реализираше Митревски, гостите реализираа два пати преку Грасу и во последните 10 минути се влезе со наша предност од 57-55, по новата реализација на Вајли за негови 27 поени во првите три четвртини од натпреварот.
Последната четвртиа ја почнавме одлично, со поените на Какруки и на Магдевски поведовме со 61-56, за нов тајмаут на романскиот селектор. И повторно, гостите по тајамутот веднаш одговорија со тројка и се вратија резултатски (61-59). Имавме и 64-62, но Романците постигнаа четири брзи поени и поведоа со 64-66, по што Илиевски беше принуден да побара минута одмор. Магдевски се врати на терен и со тројка донесе ново водство на Македонија, но следеше нова мини-серија на противникот и 11. тројка за Романците и нивно водство од 67-71, на 2:22 минути до крајот. Намаливме на „минус два“, но гостите повторно погодија клучен шут од далечина и ставија печат на победата, на крајот изразена со конечните 72-80, исход со кој шансите за пласман во главните мундијалски квалификации ни се сведуваат на теорија.
Вајли беше прво име во нашиот табор со 28 поени, 12 скокови и 4 асистенции, двоцифрени беа уште Мекиќ и Митревски со по 10, пред Магдевски со 9 поени.
Македонија во рамките од второто коло од овие претквалификации гостува на Унгарија во Шолнок, меч закажан за 9 август.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

