Един Терзиќ е актуелна личност во италијанската фудбалка јавност во последните 24 часа, екс-стратегот на Борусија Дортмунд беше поврзуван со клупата на Рома, но според последните информации Терзиќ сега е главен кандидат за нов тренер на Милан.
Јавна тајна е дека „росонерите“ воопшто не се задоволни од работата на Пауло Фонсека, кој не само што се мачи да постави вистинска тактика што ќе донесе резултат, туку и пред репрезентативната пауза влезе во конфликт со главните играчи Тео Хернандез и Рафаел Леао. Управата во изјавите во медиумите му искажа поддршка на тренерот во оваа битка, но реалноста е сосема поинаква, па по лесниот пораз од 1-3 од Ливерпул повторно почна да се тресе клупата на Фонсека.
Терзиќ е главен фаворит на директорот Златан Ибрахимовиќ, кој во Един гледа идеален тренер за овој играчки кадар на „росонерите“. Дел од италијанските медиуми тврдат дека овој стручњак синоќа бил на „Сан Сиро“ за во живо да го гледа Милан против Ливерпул, а во текот на денешниот ден имал и средба со Златан Ибрахимовиќ и со техничкиот директор Џефри Монкада.
„Росонерите“ ќе го задржат Фонсека до крајот на оваа седмица, но Милан викендов го очекува големо градско дерби против Интер, на кое евентуален пораз ќе значи и дефинитивна тренерска смена на „Сан Сиро“. А во тој случај, Терзиќ ќе биде главен фаворит за нов „шеф“ на клупата на гигантот од Милано.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА