И додека во македонскиот фудбал не можеме да видиме натпревар пред полни трибини, шпанската „Ла Лига“ ги казни челниците на Селта поради слабата посета на стадионот во Виго на првите две домашни средби од сезонава.
Висината на казната барем засега не се обелоденува, но официјално е потврдено дека истата е изречена поради „нарушување на имиџот на Ла Лига“ и непочитување на правилото, на трибините кои се наоѓаат контра камерите за ТВ преноси да има најмалку 70% од вкупниот капацитет на тие трибини.
Стадионот во Виго има 29.000 седишта, на првиот домашен меч со Реал Сосиедад на трибините се најдоа 16.961 навивач, но затоа очаен беше последниот дуел со Алавес, за кој беа продадени само 1.384 билети.
Челниците на шпанскиот шампионат прават се за да ја зголемат популарноста на домашната лига, па Селта поради непочитување на правилото за 70% од пополнетост на трибините заработи финансиска казна, но и предупредување за уште поголеми санкции во иднина. Поради ова клубот од Виго ги намали цените на влезниците, кои во иднина ќе чинат од 15 до 40 евра, но останува да се види каков ефект ќе има ваквата одлука веќе на следниот домашен меч, во кој на „Балаидос“ ќе дојде тимот на Хетафе.
Што ли ќе беше ако во мак-фудбалот имаше слично правило… Или бидејќи кај нас се е обратно, можеби треба клубовите да се наградуваат ако пополнат 70% од капацитетот на стадионите каде се домаќини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА