Покрај арената „Филип Втори“ во Скопје, Македонија со реновирањето на стадионот Младост во Струмица доби уште еден квалитетен стадион на кој може да се играат натпревари според стандардите на УЕФА и ФФМ.
Стадионот комплетно се реконструираше за само два месеци, целосна инвестиција на Фудбалската Федерација на Македонија, а со поддршка на Агенцијата за млади и спорт и општина Струмица. Таму веќе се одигра и квалификацискиот натпревар меѓу Македонија и Албанија кој од организациски аспект беше оценет со највисоки оцени од УЕФА, како и од Албанската Фудбалска федерација.
Благодарение на силната желба, напорна работа и посветеност стадионот Младост, за краток временски период доби: надградба на рефлекторите со нови Филипс рефлектори и осветлување од 1570 лукса, како и инсталација за поставување на „back up“ генератор во случај на снемување на струја.
Беа изградени две нови трибини – Источна и Западна со капацитет од 1200 нови места за седење, се инсталираа комплетно нови столчиња на останатиот дел од стадионот, со комплетна нумерација. Изградени се и нови ТВ Платформи за комплетен пренос на квалификациски натпревар согласно барањата на УЕФА.
Целиот стадион, вклучувајќи ги и влезовите е осветлен, а поставена е и инсталација на панично осветлување. Стадионот е под сите безбедносни стандарди за чие добивање беше изработена опсежна документација поврзана со планот за евакуација и сертификатот за безбедност согласно законските прописи и правила на УЕФА и ФФМ. Инсталирани се и камери за мониторинг систем за следење на случувања на и вон стадионот, од посебна контролна просторија. Вработените на стадионот се обучени за редовно одржување на теренот и доведување до врвна форма за што е набавена и нова косилка за трева.
Со комплетното фарбање и освежување стадионот Младост е репрезентативен терен од висока трета категорија, кој овозможува удобност како за посетителите, така и одлични услови за квалитетен натпревар од висок ранг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА