Лука Модриќ минатото лето ја потврди лојалноста кон Реал Мадрид одбивајќи неверојатна понуда од Саудиска Арабија за да ја продолжи соработката со најтрофејниот европски клуб. Хрватот никогаш не ја криел желбата да ја заврши кариерата како член на Реал, но ситуацијата за два месеци целосно се промени, откако Карло Анчелоти реши да го пресели на клупата за резерви, јасно ставајќи му до знаење дека на него не гледа како на стандарден првотимец.
Дното беше допрено на синоќешното дерби со Атлетико Мадрид откако Модриќ доби шанса од првата минута, но беше заменет на паузата меѓу двете полувремиња. Згора на тоа, Анчелоти на прес-конференцијата јавно говореше дека Лука разочарал со прикажаната игра, за дополнително влошување на односите меѓу искусниот играч и тренерот.
Извори блиски до фудбалерот тврдат дека тој сега сериозно жали што останал во Мадрид и веќе почнал да ги разгледува останатите опции. Според шпанските медиуми, Модриќ во моментов е најблиску до преселба во САД, и тоа како член на Интер Мајами, каде би им се приклучил на Меси, Бускетс и Алба. Трансферот би бил реализиран на стартот од 2024 година, Интер Мајами сезонава се мачи да влезе во плејофот, но амбициите за 2024 се јасни – атак на шампионскиот трофеј, проект во кој Модриќ маестрално би се вклопил.
Останува да се види разврската, но се очекува Реал да даде зелено светло за заминување на ветеранот шест месеци пред истекот на важечкиот договор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА