Ракометарите на Вардар ги продолжуваат подготовките за новата сезона, во која ќе ги бранат трофеите во сите натпреварувања од историската ланска сезона во која се закитија со титулата европски шампиони, прваци на СЕХА, како и со двојна круна на домашната ракометна сцена. „Црвено-црните“ делуваат фокусирано на Супер-глоуб, но повеќе од очигледен е „потресот“ во редовите на европскиот првак што настана со објавата на газдата Сергеј Самсоненко дека на крајот од оваа сезона ќе си замине од клубот.
Впрочем, тоа го најави и Раул Гонзалес во изјава за македонските медиуми пред неколку дена, во која трофејниот стручњак истакна дека „штом Самсоненко си оди, сите треба да си бараме нови клубови“. Шпанецот дефинитивно без проблем ќе си најде нов ангажман, и тоа во клуб од највисока класа, откако во изминатите години покажа дека е стратег од самата светска ракометна елита.
Дел од таа елита е и Арпад Штербик, но искусниот голман уште во текот на ланската сезона во интервју за унгарските медиуми најави дека по истекот на договорот со Вардар (јуни 2018 година) ќе ја заврши својата фантастична кариера.
Трансфер веќе има осигурано и Лука Циндриќ, кој веднаш по Ф4 турнирот во Келн потпиша договор со Кјелце, каде од следниот јули ќе му се приклучи на доскорешниот соиграч Алекс Душебајев.
Понуди сигурно ќе има и за останатите ракометари, за Карачиќ веќе извесно време се интересираше Веспрем, Абутовиќ е желба на неколку екипи на чело со Некар Левен, а Црногорците веќе се пофалија дека Борозан веќе почнал да добива понуди од клубови ширум Европа.
Тимур Дибиров покрај лидер на тимот воедно е и близок пријател на Самсоненко па сигурно е дека доколку рускиот газда замине, истото ќе го стори и репрезентативецот на оваа земја, особено во период во кој сериозен ракометен проект во Русија стартува Спартак Москва (oпција што е најреална и за Данил Шишкарев).
Вардар бил голем и пред доаѓањето на рускиот газда, а сигурно ќе остане на ниво и по неговото заминување. Факт е дека и во Македонија имаме успешни бизнисмени, кои особено по новиот Закон за спорт и олеснувањата за спонзорства, можат да помогнат овој проект да се одржи, за „црвено-црните“ да останат дел од европската ракометна елита.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА