Иднината на Раул Гонзалес на клупски план е максимално неизвесна откако Сергеј Самсоненко најави заминување од РК Вардар. Шпанецот не крие дека ќе почне да ги разгледува опциите за следен чекор во кариерата за наредната сезона, но одлична вест за македонската јавност е што Раул нема намера да си замине од кормилото на нашиот национален тим, планирајќи максимално да го испочитува договорот што го има со Ракометната Федерација на Македонија.
„Тоа што од идната сезона ќе си заминам од Вардар поради најавата на вардаровиот спонзор Сергеј Самсоненко дека од идната сезона нема повеќе да инвестира во Вардар, не се однесува и на македонската репрезентацијата. Јас и понатаму останувам на селекторското место, имам договор со Ракометната федерација на Македонија (РФМ) и истиот ќе го почитувам. Нѐочекува Европското првенство (ЕП), кое следната година ќе се одржи во Хрватска, а на кое и Македонија обезбеди настап. Во Македонија се чувствувам одлично, а ракометот е многу популарен спорт, кој има голем број приврзаници, што се виде и при нашето освојување на европската круна“ – вели Гонзалес во изјава за весникот „Нова Македонија“.
Гонзалес дојде на чело на националниот тим откако Лино Червар ја остави репрезентацијата на цедило, со неколку избришани првотимци и убедлив пораз од Чешка во рамките од квалификациите за ЕП 2018. Шпанецот дебитираше со убедлива победа над Исланд, ја крена самодовербата и обезбеди пласман на ЕП, и тоа како првопласирана селекција во групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА