Мундијалски фудбал на највисоко ниво понудија вечерва Шпанија и Португалија во Сочи, фантастична пресметка во која актуелните европски прваци два пати водеа, за на крајот со еврогол во 88. минута да спасуваат бод за конечни 3-3. Во главна улога беше Кристијано Роналдо, кој со хет-трик ги поздрави Шпанците, на денот кога беше обелоденето дека му е изречена условна затворска казна од две години, како и парична казна од 18 милиони евра за затајување на данок. Неговиот одговор беше перфектен, три погодоци еден од пенал, еден по голманска грешка, и оној последниот, вистинско ремек-дело од слободен удар
Од самиот почеток овој меч мина во знакот на Кристијано, кој веќе на самиот почеток се запиша меѓу стрелците. Асот на Реал Мадрид беше прецизен од пенал, откако беше соборен од Начо, за негов прв гол во кариерата на дуелите против Шпанија. Шпанците имаа проблем да ги консолидираат своите редови, но се вратија во ритам откако Диего Коста го израмни резултатот на 1-1. Тој најпрвин имаше жесток дуел со Пепе (ситуацијата беше прегледувана со ВАР, но судиите на ја променија во фаул), а потоа мајсторски се снајде во шеснаесетникот и го совлада Руи Патрисио. При овој резултат Иско ја погоди гредата, убава шанса пропушти и Давид Силва, за пред самиот крај на полувремето Португалија повторно да поведе, и повторно преку Роналдо, овојпат по катастрофалната грешка на Де Хеа, кој дозволи топката да му мине низ раце и да заврши во мрежата.
Шпанците покажаа карактер и во второто полувреме заиграа уште поангажирано, па за петнаесетина минути го свртеа резултатот во своја полза. Најпрвин Диего Коста израмни на асистенција на Бускетс, за во 58. минута со вистинска „бомба“ пресвртот да го комплетира Начо, кој со помош на дирекот ја смести топката во мрежата. И наместо да продолжат, шпанските фудбалери за момент застанаа, селекторот Јеро предвреме тактизираше и ги повлече од игра клучните играчи. Казната стигна во 88. минута, и повторно преку Кристијано Роналдо, кој со еврогол од слободен удар израмни на 3-3. Португалија на крајот можеше да направи и целосен пресврт, но обидот на Кварезма беше во последен момент блокиран.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА