Македонската кошаркарска репрезентација вечерва (20.30 часот, ВИП Арена), го игра дуелот со Естонија, можеби најважниот во овој претквалификациски циклус. Јасно е дека првото полувреме со Косово е најлошото што националниот тим го одиграл во последно време, „будењето“ во вторите 20 минути во Приштина дава надеж, но јасно е дека Естонија е поквалитетен ривал од Косово, па овојпат ќе ни требаат перфектни 40 минути за да стигнеме до позитивен резултат.
Во пресрет на вечерашниот меч, издвоивме три аспекти од играта кои ќе мора да функционираат многу подобро отколку против Косово.
Контрола на скок
Аспект во кој целосно потфрливме во катастрофалното прво полувреме во Приштина, во кое дозволивме домаќините десет пати да ја фаќаат топката по промашени шутеви. Во преостанатите 20 минути дозволивме само еден скок, а контролата на рекетот ќе биде многу значајна против Естонците, кои важат за одличен шутерски тим на кои никако не смее да им се дозволува „втора шанса“.
Јасно е дека ни недостига височина во тимот, но со колективна игра овој проблем може да биде решен.
Помош од клупата
Само единаесет поени постигнаа нашите одбојкари од клупата наспроти 27 на косовски кошаркари на првиот меч. Од оние кои не беа дел од стартната петорка прецизни беа само Николовски (седум) и Костоски (четири поени).
Овојпат помошта од клупата за стартерите мора да биде поголема во нападот, бидејќи и Костоски, Јанески, Ѓуроски и останатите мораат да дадат свој позначаен придонес ако сакаме триумф над Естонија.
Агресивна одбрана
Естонците важат за побрза селекција што диктира високо темпо, па одбраната ќе мора да ни биде на ниво. Агресивност во дефанзива е нешто што недостигаше против Косово, но во ситуација кога се игра на домашен терен се очекува овојпат тоа да биде на посакуваното ниво.
Добра вест за Давитков е и враќањето на Стајиќ, кој секогаш внесува дополнителна енергија во минутите што ги минува на теренот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА