Ливерпул ја продолжи импресивната серија во Премиер-лигата, декласирајќи го со убедливи 5-1 тимот на Арсенал во дерби-дуелот од 20. коло во елитното англиско фудбалско друштво. Со оваа победа, сега Ливерпул има девет бода повеќе од второпласираниот Тотенхем на крајот од годинава, и „плус десет“ во однос на Манчестер сити („граѓаните“ утре го играат својот последен меч за годинава во Саутемптон).
„Топчиите“ изненадувачки поведоа со голот на младиот Митланд – Најлс, но со овој погодок само ги разлутија домашните играчи. Роберто Фирмино беше човек на одлука на овој натпревар, со два брзи гола правејќи целосен пресврт. Пред крајот на полувремето на сцена стапи Салах, најпрвин со асистенција до Мане, а потоа и со гол од пенал за убедливи 4-1.
Конечните 5-1 беа поставени повторно од пенал, Салах му ја препушти топката на Фирмино, кој со својот прв хет-трик сезонава стави печат на оваа извонредна победа на Ливерпул.
Вечерашниот триумф воедно е и одлична увертира за тимот на Клоп во пресрет на големото дерби, на гостински терен против Манчестер сити, што ќе се игра на 3 јануари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА