Што му требаше на Бетис да ја лути Барселона

Барселона ја демонстрираше својата сила на незгодното гостување во Севилја, славејќи против Бетис со убедливи 3-5. Интересно, домаќините први дојдоа до предност на овој меч преку Антони во 6. минута, но со тоа само ги налутија каталонците кои доминираа до самиот крај.

Феран Торес постигна два брзи гола за нецели три минути и Барса во 13. минута веќе водеше со 1-2, а нешто подоцна меѓу стрелците се запиша и младиот Швеѓанец Бардгџи, кој по асистенцијата при вториот погодок на Торес и самиот успеа да го постигне својот прв гол за сениорскиот тим на Барса.

Феран Торес го комплетираше својот хет-трик уште пред крајот на полувремето за водство од 1-4, на 1-5 од сомнителен пенал во вториот дел зголеми Јамал пред Бетис во финишот најпрвин да намали на 2-5 преку Љоренте, а потоа во судиското продолжение од пенал да ги постави конечните 3-5.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...