Дарко Панчев е единствениот Македонец во историјата кој се нашол во ТОП 3 изборот на ФИФА за најдобар фудбалер на светот. Во 1991 година, Панчев го освои второто место добивајќи ја „Сребрената топка“ за најдобар фудбалер на светот, иако целиот фудбалски свет сметаше дека „Златната топка“ му припаѓа само нему, а неправедно е доделена на Французинот Жан Пјер Папен.
Токму, во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, која претставуваше роденденско изненадување за македонската фудбалска легенда со специјален гостин Златко Калински, беше начната и темата за големата непринципиелна неправда кон Панчев во 1991 година, кога „Златната топка“ неправедно ја доби Французинот Жан Пјер Папен, на изненадување на целиот фудбалски свет кој очекуваше да оди во рацете на Дарко Панчев, како „Златна копачка“, европски и светски шампион со Црвена Звезда но и најдобар стрелец за Југославија во квалификациите за ЕП 1992. На крај, „политиката“ победи, а ФИФА во тие бурни години на распаѓање на СФРЈ, „одлучи“ сепак „Златната топка“ да не оди во рацете на некој од Истокот!
Сето тоа не остана незабележано од бројни истакнати спортски новинари од Европа, а меѓу нив и еден од највлијателните француски новинари – Жан Филип Ретaкјер, кој, иако Французин, во напис ќе ја оспори „Златната топка“ на неговиот сонародник Папен.
Во подкастот „Пресинг“, Златко Калински го прочита и написот на Жан Филип Ретакјер кој ја нападна ФИФА за недоделената „Златна топка“ на Дарко Панчев.
„Дарко Панчев е најдобриот стрелец во Европа. Дарко Панчев беше главен играч, водечка палка на Црвена Звезда која дојде до европската и светска титула. Тој во 1991 година е и централна фигура во пласманот на Југославија на Европското првенство 1992. Најдобар стрелец во европските квалификации. Што требаше повеќе да направи за да ја освои Златната топка? Тој дефинитивно заслужи посјајно одличје од Сребрената топка која ја доби. Според мене, а и според поголемиот дел искрен фудбалски свет, тој е убедливо најдобриот фудбалер на светот за 1991 година. А, ФИФА нека си води ‘политика’ и понатаму!“ – ќе напише Ретакјер.
Дарко Панчев е само еден од тројца фудбалери во историјата на Југославија, до 1992 година, кои се нашле во изборот на ФИФА во Топ 3, покрај Драган Џајиќ и Дејан Савиќевиќ во истата таа 1991 година. По распадот на СФРЈ, во ТОП 3, од екс-ју просторите, се нашле само уште Предраг Мијатовиќ, Давор Шукер и Лука Модриќ.
==================================================
ЦЕЛИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК – ГЛЕДАЈТЕ И ЗАСЛЕДЕТЕ ГО НАШИОТ КАНАЛ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

