Зимското засилување на Манчестер јунајтед, Алексис Санчез, против Кристал Палас го одигра петтиот натпревар во дресот на „црвените ѓаволи“ во Премиер – лигата (севкупно осми настап) на кој Чилеанецот повторно делуваше загубено на теренот.
Чилеанецот пристигна како мегаѕвезда и најплатен фудбалер во англискиот шампионат, но Санчез со своите настапи е далеку од посакуваната форма која да одржуваше во изминативе сезони, а уште повеќе далеку од она што се надеваа дека навивачите на Јунјатед ќе добијат со неговиот ангажман. Квалитетите со кои ја воодушевуваше англиската публика како да ги загуби на „Олд трафорд“, недостасува неговата „магија“ на теренот.
Жозе Мурињо и натаму се обидува да му ја најде вистинската улога во составот, Санчез играше лево крило, десно крило, а неколу пати се најде и зад напаѓачот (Лукаку), но „ѓаволите“ немаат никаков ефект од неговите настапи. Колку е статистички лош говори неговата бројка на постигнати погодоци во првенството, Санчез на пет меча постигна само еден единствен гол (против Хадерсфилд), а одигра вкупно 441 минути.
Го нема ниту во улога на асистент, засега нема запишано ниту една асистенција иако просечно на секој натпревар бележи по 1.4 клучни додавања. Санчез просечно додава по 57.4 топки по натпревар (вкупно 287 додавања), од кои 15.6 додавања му се неточни (вкупно 78), што значи дека процентуално додава 72.8 точни пасови за овие пет натпревари (статистички полоши бројки од 17. настапи за Арсенал во првиот дел од оваа сезона, и во текот на целата мината сезона на 38 меча).
Многу почесто и премногу лесно губи посед на топка. На секој меч Санчез минимум три пати (вкупно 15) ја губи топката при прв допир, додека просечно му ја одземаат топката по 4.4 пати (вкупно 22) на секој меч.
Додека овие бројки ја потврдуваат неговите лоши перформанси, дури и со „голо“ око може да се забележи дека Санчез е незадоволен од самиот себе во текот на натпреварите. Како да му недостасува самодоверба, фудбалерот кој требаше да го подигне нивото на игра на клубот со неговото доаѓање, како и моралот кај играчите, нема самодоверба, иронично.
Против Кристал Палас беше очаен, особено во првите 45 минути. Ниту едно нафрлување пред противничкиот гол, само едно додавање по кое создаде шанса, додека додаваше под просекот, 71.2%. Ако успеа пет пат да помине противнички играч, дури девет пати ја загуби топката, а што се однесува за делот во кој треба најмногу да се истакне, потфрли и таму. Кон голот на Хенеси упати два шута од кои само еден беше во рамките, но и тој не беше премногу опасен. За негова среќа Јунајтед се врати по шокот од 2-0 и благодарение на Матиќ заминаа со сиот „плен“ од „Селхарст парк“.
Раководството на клубот, стручниот штаб, како и самите играчи со сигурност не очекуваа дека Санчез ќе биде толку пасивен на теренот. Се надеваа на голем придонес од него, но Мурињо и компанија се уште го чекаат да се разбуди од зимскиот сон, со надеж дека ќе проработи во круцијален период за тимот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА