Аријан Адеми донесе тешка одлука минатото лето, да си замине од Динамо Загреб и кариерата да ја продолжи во унгарскиот прволигаш Ујпешт.
Се очекуваше играч со квалитетите и со искуството на Адеми да биде еден од најдобрите во лигата на својата позиција, но не само што тоа не се случи, туку поранешниот македонски репрезентативец се соочи со неочекуван проблем – да падне во трет план и да биде закован за клупата на резерви.
Почетокот на сезоната беше сосема солиден, Адеми беше стартер на првите четири средби во унгарското првенство, но откако доби жолти картони на четири од првите пет меча следеше и автоматска суспензија. Тоа требаше да биде само еден меч „одмор“, но се претвори во сериозен проблем бидејќи како што одминуваше времето, така Аријан се повеќе време минуваше на клупата, а помалку на теренот.
Тој до крајот на полусезоната беше стартер само на уште два меча за Ујпешт, на уште шест средби влегуваше во второто полувреме, но само еднаш мина повеќе од триесет минути на теренот.
Севкупно гледно, Адеми има само 12 настапи за Ујпешт, тимот игра слабо и моментно се наоѓа на осмото место на табелата, а тренерот очигледно нема преголема доверба во македонскиот интернационалец.
При заминувањето од „Максимир“, челниците на Динамо му порачаа на Адеми дека вратата на хрватскиот гигант секогаш ќе биде отворена за него. Останува да се види дали таа опција ќе се активира зимава, ако се знае дека на Динамо му недостига играч со лидерски способности какви што дефинитивно поседува Аријан Адеми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

