Енис Барди ги собираше комплиментите на шпанската фудбалска јавност со извонредните настапи на стартот од сезоната во Примера дивизион, во која македонскиот ас стрелаше прецизно од слободни удари, но и извонредно го разигруваше остатокот од екипата на Леванте. Се говореше и за понуди од поголеми екипи, а потоа неочекувано улогата на Барди во Леванте се промени, тренерот го пресели Македонецот на клупата за резерви, па сега шпанските медиуми со право се прашуваат: Што се случува со Енис Барди во 2018 година?
Станува јасно дека тренерот Муњиз повеќе нема доверба во нашиот плејмејкер, откако зимава беа доведени неколку засилувања, кои редовно добиваат шанси пред македонскиот интернационалец. Најдобар доказ за тоа е фактот дека Барди одиграл само 45 минути во Примера дивизион годинава. Тој беше стартер на двете средби од Копа дел реј против Еспањол, но Леванте не успеа да ја мине оваа пречка во кралскиот куп.
Последен пат Барди беше стартер на дуелот со Атлетик билбао на 10 декември. Потоа следеше повреда поради која не настапи со Севилја, па жолт картон со Леганес поради кој не играше на „Камп ноу“ против Барселона. Оттогаш неговата улога во тимот е минимална, а згора на тоа на тимот воопшто не му оди добро, со оглед на фактот дека Леванте последната победа во Примера ја забележа на 19 ноември, на гостувањето со Лас Палмас.
Последниот гол на Барди беше постигнат на 29 октомври на гостувањето против Еибар, уште еден доказ за кризата на македонскиот интернационалец. Тој дефинитивно поседува капацитет за да излезе од неа, но треба да добие шанса за повторно да го покаже своето вистинско лице.
И да стави крај на прашањата: Што се случи со Енис Барди?
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА