Што се случува со Сити: Прокоцкани 3-0 на домашен терен против Феенорд

Манчестер Сити се наоѓа во огромна криза откако „граѓаните“ вечерва ја прекинаа серијата од пет порази во сите натпреварувања, но освоија само еден бод во ремито на домашен терен против Феенорд. Пеп Гвардиола во немоќ гледаше како неговиот тим прокоцка предност од 3-0, се чинеше дека се е готово кога Халанд и Гундоган стрелаа во вториот дел и донесоа огромна предност, но одбраната во неколку ситуации заспа, па Феенорд успеа да се врати и преку Муса, Хименез и Гонзалез стигна до неверојатен камбек. Голманот Едерсон немаше свој ден и помогна во враќањето на гостите од Холандија, што е лоша вест за Сити пред следниот предизвик во Премиер-лигата, гостувањето против лидерот Ливерпул на „Енфилд роуд“ претстојниот викенд.

ПСЖ по пет кола има само четири бода откако францускиот шампион вечерва го претрпе третиот пораз, на гостувањето против Баерн Минхен. Ким постигна гол по корнер казнувајќи ја слабата интервенција на гостинскиот голман, а згора на тоа ПСЖ остана со играч помалку по црвениот картон на Дембеле, кој ќе добие и суспензија од еден натпревар за ова исклучување.

Спортинг Лисабон е понижен на првиот европски меч по заминувањето на Рубен Аморим откако португалскиот гигант разочара на домашен терен против Арсенал, губејќи со преубедливи 1-5. Откако неодамна пред своите гледачи го демолираа Манчестер Сити со 4-1, овојпат фудбалерите на Спортинг целосно разочараа против расположените „топчии“, кои доминираа и заслужено стигнаа до преубедлив триумф. Пет различни фудбалери беа стрелци за тимот на Артета (Мартинели, Хаверц, Габриел, Сака и Тросар), како најава за враќање во топ-форма на лондонскиот тим по камбекот по повреди на неколку клучни првотимци.

Убедливи беа и фудбалерите на Аталанта, кои на гостински терен го декласираа швајцарски Јанг Бојс со 1-6. Ретегуи и Де Кетеларе беа во главна улога со по два погодоци, еднаш прецизен беше Колашинац, а во судиското продолжение печат стави Самарџиќ, за трета победа на Аталанта во петтиот меч во ЛШ сезонава.

Интер славеше со 1-0 над Лајпциг со автоголот на Лукеба и „нероаѕурите“ со четири победи и едно реми најмалку на 24 часа (до дуелот Ливерпул – Реал Мадрид) се искачија на првото место на табелата.

Баер Леверкузен го декласираше Салцбург со 5-0, „фармацевтите“ ја почнаа гол-серијата со сомнителниот пенал на Вирц (судијата беше повикан од ВАР да ја види ситуацијата и да ја смени одлуката за пенал за играње со рака, но не го стори тоа). Следеше еврогол на Грималдо од слободен удар, па нов погодок на Вирц, за во второто полувреме меѓу стрелците да се запишат и Алеиш Гарсија и Патрик Шик.

Барселона рутински триумфираше над Брест со 3-0, меч во кој Роберт Левандовски погоди пенал за 1-0, за својот јубилеен 100. гол во Лигата на Шампионите. На 2-0 по една маестрална соло-акција зголеми Дани Олмо, а конечните 3-0 во финишот ги постави Левандовски со својто втор гол на натпреварот.

Се вчитува...