Во таборот на Челси владее хаос откако „сините“ повторно влегоа во серија порази, овојпат особено болна ако се знае дека попладнево на домашен терен беа поразени од Вулверхемптон со 2-4.
Маурицио Покетино имаше можност веќе половина година да работи со овој тим, но Аргентинецот не делува како стратег што може да го врати Челси на посакуваните победнички патеки. Свесни за тоа се и навивачите, но што е уште полошо, со објави во јавноста почнаа да се јавуваат и сопругите на фудбалерите кои се незадоволни од аргентинскиот стручњак.
Станува збор за Бел Силва, поубавата половина на бразилскиот ветеран Тијаго Силва, кој е стандарден првотимец кај Покетино, но неговата сопруга испрати јасна порака уште на полувремето од мечот со Вулверхемптон, при резултат 1-2.
„Време е за промена. Ако чекате подолго, ќе биде предоцна“, објави Бел Силва на својот профил на инстаграм.
Следеа бројни пораки со кои се дава поддршка на ваквиот став на Бразилката, па останува да се види реакцијата на газдите, но и на самиот Покетино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА