Што треба да направи Аморим за да добие отказ: Јунајтед елиминиран од четвртолигаш од лига-купот

Рубен Аморим е се поблиску до отказ од Манчестер јунајтед откако по ланската катастрофална сезона Португалецот продолжува да се срамоти и на стартот од новата. Откако во првите две кола од Премиер-лигата освои само еден бод, Јунајтед вечерва го допре дното откако беше елиминиран од четвртолигашот Гримзби од англискиот лига-куп, на пенали откако едвај се спаси од пораз во регуларните 90 минут.

Гримзби имаше предност од 2-0, резултат при кој домаќините имаа сомнително поништен гол, откако Мегваер играше со топката и целосно го промени текот на акцијата, но помошниот судија го крена знаменцето, а бидејќи во оваа фаза нема ВАР, одлуката не можеше да биде променета. Јунајтед го искористи подарокот, преку Мбеумо намали на 2-1, а потоа со голот со глава на Мегваер израмни на 2-2 како најава за неверојатната пенал-серија.

Во пенал-рулетот Онана одбрани во третата серија, но затоа Куња не беше прецизен во петтата серија за Манчестер, за кулминација на возбудувањата на овој натпревар. Стрелците погодуваа како на филмска лента, во оваа пенал-драма беа изведени дури 13 серии преку Мбеумо да ја затресе гредата, за огромна радост на домашните навивачи и историска победа на Гримзби.

Евертон како домаќин го совлада Мансфилд и се пласираше во следната рунда благодарение на головите на Алкараз и Бето, а со идентичен резултат Фулам го елиминираше тимот на Бристол Сити.

Најубедливи вечерва беа фудбалерите на Брајтон, кои како гости го демолираа Оксфорд јунајтед со 0-6.

Се вчитува...