По веста на дел од хрватските медиуми дека македонскиот репрезентативец Аријан Адеми побарал заминување од редовите на хрватскиот шампион, информации сега и од редовите на Динамо Загреб дека всушност нема никаков проблем на релација клуб – капитен.
Според извори од клубот, единствената вистина е дека денеска Адеми ги посетил просториите на „модрите“ со желба да им презентира на челниците и тренерот Анте Чачиќ две сериозни понуди за негов трансфер, барајќи да го напушти клубот.
Во пресрет на преодниот рок на Адеми му беше ветено дека ќе може да го напушти клубот, а откако се појавил со конкретна понуда за трансфер од сериозен клуб, од Динамо Загреб на денешниот состанок добил порака дека не може да оди никаде затоа што оваа пролет навистина му е потребен на тимот. Адеми, како што пишува „Спортске новости“ сето тоа го прифатил мирно, истакнувајќи дека ќе биде тука за да му помогне на клубот.
Шпанска Валенсија е сериозно заинтересирана за Адеми, има и висока понуда од Саудиска Арабија, но „модрите“ очигледно не сакаат да го продадат капитенот.
Претходно, пак, хрватските медиуми пренесоа дека Адеми веќе има нарушени односи со тренерот Чачиќ кои не може да се поправат, но е и лут и поради тоа што дознал дека член на Управниот одбор на клубот испраќал пораки до медиумите дека Адеми не е квалитетен и е најслаба карика во тимот.
Адеми е рекордер по број на европски настапи, повеќе од 100 за Динамо, втор по број на настапи за загрепскиот гигант и убедливо најтрофеен фудбалер во историјата на клубот со дури 22 трофеи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА