Штрајк во КК Работнички: Предолго чекавме на своите пари, не заслуживме ваков однос…

Нема мир во најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, Работнички ја надмина резултатската криза и врза шест победи во низа, но играчите и стручниот штаб почнаа со штрајк, инсистирајќи да ги добијат платите што им се должат.

„Центарци“ откриваат дека на кошаркарите им се должат најмалку по две плати, а со овој штрајк бараат состојбата во клубот да се врати во нормала, со исплаќањето на парите што им следат според договорите.

„Во штрајкот се вклучени играчите, тренерите и сите вработени во Работнички кои предолго чекаа на своите пари. Екипата нема да биде во тренажен процес, а на играчите им се должат по 2-3 плати (во зависност од тоа кој кога дојде во клубот) од тековната сезона.

Револтирани сме и од негрижата за тимот бидејќи исто така поради неисплатени плати, во главниот дел од сезоната останавме без кондициски тренер откако си замина Кристијан Кајчевски. Сметаме дека заслуживме подобар однос со досегашните резултати затоа што екипата се наоѓа во серија од шест победи, остваривме триумфи против некои од најголемите ривали за титулата, го победивме МЗТ Скопје првпат по три години и се доближивме дури и до првото место на табелата. Освен тоа, направивме хемија во тимот, гинеме сите за еден и тоа се чувствува во секој сегмент од нашето функционирање.

Ако не бидеме исплатени, екипата нема да отпатува на претстојниот натпревар против Еуро Никел, во следното коло од домашното првенство, без оглед на сите консеквенци со кои би се соочиле како клуб“, се вели во соопштението од кошаркарите и тренерите на Работнички.

Се вчитува...