МЗТ Скопје ја запиша петтата победа во Првата кошаркарска лига откако на отварањето на шесттото коло славеше на гостувањето кај Охрид со 71-98. Новајлијата одигра одлично прво полувреме против актуелниот шампион, во еден момент имаше и предност од осум поени, но немаше сили да му парира на фаворизирниот аеродромски тим во вторите 20. минути и покрај тоа што тренерот Атанасов на оваа средба не сметаше на Војдан Стојановски, Ејасу Ворку и Бојан Крстевски.
Ефикасното отварање на натпреварот донесе добра игра во нападот кај двата тима. МЗТ Скопје имаше блага иницијатива благодарение на подобрата реализација во рекетот (13-20), но домашните кошаркари одговорија со своја серија преку Бернард и Ибрими со што не дозволија двоцифрена предност за гостите, напротив ја вратија неизвесноста за 28-27 по десет минути игра. Моментумот на охриѓани продолжи и во втората четвртина во која избраниците на Стојановски умешно го искористија четири минутниот пост без поени од игра на гостите за предност од 37-29, но како што одминуваа минутите актуелниот шампион фати ритам. Аеродромци одиграа далеку подобро и во одбраната па успеаја и да поведат со 47-48 на полувремето.
За разлика од отварањето на средбата, отварањето на второто полувреме го отслика неефикасност. Двата тима се мачеа во нападот, а „ледот“ прв го скрши МЗТ Скопје кој благодарение на агресивната одбрана го примора домаќинот на загубени топки и тешки обиди со истек на нападот. Избраниците на Атанасов наметнаа контрола на средбата па поведоа и двоцифрено (56-68) пред одлучувачките десет минути. Во нив преку расположениот Робев гостите дополнително ја заголемија позитивата (57-73), продолжија да го диктираат темпото и без проблем стигнаа до нови два бода.
Со 17 поени Ибраими беше лидер на Охрид, додека него го следеше Бернард со 16 поени, 6 скокови и 5 украдени топки. 25 поени и 6 скокови за МЗТ Скопје забележа Расел. 21 поен и 7 скокови додаде Робев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА