МЗТ Скопје дојде до огромна победа во дерби дуелот против Карпош соколи, на гостински терен триумфирајќи со 85-87 за да остане единствен непоразен тим во Супер-лигата. Актуелниот шампион покажа карактер, неколку пати се враќаше по негативата, па со поголема концентрација во самата завршница стигна до победата. Особено радува добрата игра на македонските репрезентативци Симоновски и Ѓуроски, но и на центарот Младеновски чија блокада на неполни две секунди до крајот беше клучен момент на овој дерби дуел.
Карпош соколи беше далеку подобар противник во првата четвртина, во која актуелниот шампион никако не успеваше да го запре Лабовиќ. Српскиот интернационалец делуваше извонредно, погодуваше и од рекетот и од далечина, па во првите десет минути постигна 15 поени, само два помалку од целиот тим на МЗТ Скопје во овој дел од натпреварот. Подобрата игра на „соколите“ вроди со плод, па со тројката на Трајковски во самиот финиш освојувачот на Купот ја заврши стартната четвртина со предност од убедливи 28-17.
МЗТ Скопје не само што не се предаде, туку актуелниот првак експресно се врати во натпреварот. „Сино-белите“ го стартуваа натпреварот со 12 поени во низа, пред се благодарение на Ѓуроски и Симоновски кои со прецизни удари од далечина го разбудија шампионот во СЦ „Борис Трајковски“. „Соколите“ за момент делуваа без решение во нападот, но тогаш работите во свои раце ги презеде Пери, кој погоди две тројки и ја врати самодовербата кај својот тим. Пред самиот крај на полувремето Трајковски погоди „луда тројка“ со помош на таблата, но Дреновац беше прецизен пред самиот истек на времето, па на одмор се замина со предност на домашниот тим од 46-42.
Кошаркарите на МЗТ Скопје подобро влегоа во второто полувреме, експресно израмнија на 48-48, но уште еднаш во вистински момент за „соколите“ блесна Пери, кој со осум поени во низа донесе солидна предност за домашниот тим. Гостите сепак уште еднаш се разбудија, па преку Лалиќ фатија ритам, за со тројката на Ѓуроски четвртината да заврши со израмнети 58-58. Шутот од далечина не ги служеше „соколите“ на стартот од последниот период, но „сино-жолтите“ сепак го одржуваа резултатот во своја полза, пред се поради цврстата одбрана. Сепак, зачестените промашувања почнаа да им се одмаздуваат на „соколите“, па репрезентативецот Ѓуроски со две брзи тројка го доведе МЗТ во ново водство (65-67), принудувајќи го домашниот тренер Драган Николиќ на тајмаут.
Бојан Трајковски ја прекина серијата промашувања од далечина на својот тим, па „соколите“ повторно легоа во ритам, за потоа со поените на Чомагиќ да поведе со 72-70 на две минути до крајот. Во неизвесната завршница Карпош соколи и МЗТ влегоа со 73-73 во последната минута, двата тима промашија шутеви, за потоа при последниот напад на домаќините Пери да ја загуби топката. МЗТ имаше половина секунда за последен шут, Симоновски дури и погоди, но судиите досудија дека капитенот на МЗТ Скопје бил во аут, па мечот замина во продолженија.
Израмнетата игра продолжи и во дополнителните пет минути, во кои Трајковски беше еден од ретките расположени за игра во таборот на домаќините. МЗТ имаше повеќе адути, па по тројката на Симоновски, потоа на 19 секунди до крајот прецизен беше и Клоф за водство на актуелниот првак од 85-86. Пери од херој се претвори во трагичар, откако при обидот за влез беше изблокиран од Клоф. Следеше брза лична грешка по која Младеновски ги промаши двете слободни фрлања, но потоа центарот се извади на најдобар можен начин, со „банана“ врз Пери за осигурување на победата на која печат стави Ѓуроски од линијата за слободни фрлања (85-87).
Клоф и Симоновски постигнаа по 16 поени, еден повеќе од одличниот Стојан Ѓуроски кај МЗТ, додека најефикасни кај Карпош соколи на овој дерби натпревар беа Трајковски со 25 и Пери со 23 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА