Македонскиот тренер Звонко Шундовски и репрезентативецот Гоце Георгиевски со тимот на ЧСМ Букурешт ќе се борат за шампионската титула во Романија. ЧСМ Букурешт обезбеди пласман во финалето од романскиот плеј-оф откако во третиот решавачки меч во полуфиналето ја победи Потаиса Турда на гостински терен со 22-24.
Полуфиналната „мајсторка“ донесе до крај неизвесен дуел. ЧСМ Букурешт подобро го отвори натпреварот и по првиот дел имаше предност од 11-13, но домаќините успеаја да се вратат во игра и на десет минутио пред крај изедначија на 20-20 и имаа напад за водство. Во последните десет минути од натпреварот главниот збор го имаа голманите. Јонут Јанчу имаше неколку клучни одбрани на голот на ЧСМ Букурешт, а Крсто Милошевиќ го постигна решавачкиот гол за победа и за финале.
Гоце Георгиевски беше втор стрелец во ЧСМ Букурешт со четири погодоци, а по пет гола постигнаа Милошевиќ и Талмаер.
Во финалето за шампионската титула ЧСМ Букурешт исто како и лани ќе игра протиув Динамо Букурешт кој во полуфиналната серија со 2-1 беше поуспешен од Констанца за која настапува Бранислав Ангеловски.
Финалната серија во романскиот плеј-оф стартува на 31 мај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА