Шутерско шоу на Костоски, Пелистер го освои Охрид

Пелистер се врати на победнички патеки во македонскиот шампионат откако вечерва рутински славеше на гостувањето против Охрид со резултат 77-85. Во главна улога беше искусниот плејмејкер Александар Костоски, кој имаше свое шутерско шоу и со шест погодени тројки (и само две промашувања) ги предводеше битолчани до триумф на оваа средба.

Пелистер уште од самиот почеток покажаа надмоќ на теренот, поведувајќи со 4-13 по само неколку минути игра и добивајќи ја првата четвртина со 18-25. Гостите од Битола потоа во вториот период стигнаа до предност од 15 поени (32-47), но охриѓани успеаја пред самиот крај на полувремето да ја спуштат разликата на само девет поени (38-47). Домашниот состав намали на само „минус три“ (52-55), но Најт и Планиниќ го вратија Пелистер во ритам. Охрид заслужува комплименти за покажаниот карактер, домаќините одржуваа едноцифрена негатива, но Пелистер го имаше расположениот Костоски, кој погоди тројка во клучен момент, потоа беше прецизен и од линијата за слободни фрлања, не дозволувајќи изненадување на овој натпревар.

Костоски со 22 поени беше прв стрелец на победничкиот тим, каде двоцифрен ефект имаше само уште центарот Планиниќ, со 15 поени и 7 скокови. Бруер со 28 и Димовски со 15 поени беа најзабележителни во таборот на Охрид.

Се вчитува...