Швајнштајгер најави крај на кариерата

Легендата на германскиот фудбал, Бастијан Швајнштајгер, најави дека на крајот од сезонава ќе ја заврши својата кариера. Швајнштајгер од 2017 година е член на Чикаго фајр, а по завршувањето на плејофот во МЛС-лигата тој дефинитивно ќе ги закачи копачките.

„Драги навивачи, дојде времето да ја завршам кариерата, на крајот од сезонава. Голема благодарност до моите тимови Баерн, Манчестер Јунајтед, Чикаго и секако до германската репрезентација. Секако, голема благодарност и до сопругата Ана Ивановиќ на големата поддршка. Малку сум тажен што морам да кажам збогум на фудбалот, но се радувам на новите предизвици во животот“ – порача Швајнштајгер.

Извонредниот играч за врска беше дел од шампионската генерација на Германија на СП 2014. Во дресот на Баерн Минхен тој освои трофеј во ЛШ и осум титули во Бундес-лигата, додека како член на Манчестер Јунајтед се закити со пехарот во ФА Купот на Англија.

Се вчитува...