Долгогодишниот германски репрезентативец Бастијан Швајнштајгер жестоко го нападна Пеп Гвардиола поради неговите методи на работа во Баерн Минхен, за што Швајни смета дека било клучно за почетокот на падот на германскиот фудбал.
Гвардиола седеше на клупата на Баерн од 2013 до 2016 година, освои три титули во Бундес-лигата, но не го оствари сонот да стане европски првак со баварскиот гигант.
„Имам зборувано за ова и порано, според мене Баерн Минхен беше најдобар тим во Европа во 2012, 2013 и во 2014 година, а нашата репрезентација го освои Светското Првенство. Тогаш Пеп дојде во Минхен, со својот стил на игра што секогаш го практикува од кој никогаш не отстапува. Се обидувавме како поискусни фудбалер да влијаеме, но не успевавме. Згора на тоа, се повеќе клубови, па дури и репрезентации се обидуваа да го копираат Пеп. Ние премногу се фокусиравме само на тоа, наместо да ги задржиме квалитетите на германскиот фудбал, она што беше наш заштитен знак со години наназад. Премногу му верувавме на Гвардиола и заборавивме на нас самите, на германското во нашиот фудбал. Претходно бевме жилави, силни, агресивни, имавме победнички менталитет. Потоа имавме посед, но ја загубивме германската ДНК, не успеавме да си ја вратиме до ден денеска во репрезентацијата. Гледаме многу експерименти, се почна со преселбата на Филип Лам од бек во играч за врска, не велам дека во моментот не добивме квалитет од тој потег, но исто така и загубивме многу работи. Да се разбереме, јас имам голема почит за Пеп Гвардиола, кој е генијален фудбалски ум, но кога говориме за неговото влијание врз германскиот фудбал, треба да се биде искрен и да се каже дека тоа е негативно“, истакна Швајнштајгер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА