Швајцарија игра моќно – ја демолираше БиХ со 18 гола разлика

Швајцарија барем на хартија би требало да биде најслаб противник на Македонија на ЕП 2024, ако се знае дека нашата селекција во групата А во првите две кола ќе се сретне со олимпискиот првак Франција и со домаќинот Германија.

Сепак, Швајцарците во подготвителниот период јасно покажуваат дека воопшто не се наивен ривал, туку напротив, силна репрезентација, откако одиграа уште еден импресивен меч на „Жолтиот Куп“ што се одржува во Винтертур. Откако во првото коло лесно ја совладаа Романија со 37-31, Швајцарците вечерва делуваа уште поимпресивно, декласирајќи го составот на БиХ со преубедливи 18 гола разлика (39-21).

Првото полувреме мина во ефикасна игра на двете страни (18-14 на одмор), но потоа Швајцарија заигра далеку подобро во одбраната, прими само седум гола во вториот дел постигнувајќи 21, за убедлива победа и зголемување на самодовербата пред шампионатот во Германија.

Се вчитува...