Швајцарската скијачка Мишел Гисин, го освои олимпиското злато во алпски комбинации и стана првата Швајцарка со олимписка титула во оваа дисциплина. Американката Микаела Шифрин мораше да се задоволи само со сребрениот медал, додека светска шампионка Венди Холденер ја освои бронзата и на Швајцарија и донесе уште еден медал на Игрите во Пјонгчанг.
Новата, а најверојатно и последна олимписка победничка во алпска комбинација, 24-годипната Мишел Гисин ја потврди својата сестраност и со третото време ви спуст и четвртото во слаломската трка, направи речиси една секунда предност пред Американката Шифрин која зад победничката заостана со 97 стотинки. Венди Холденер до бронзениот медал стигна со најдобар резултат во слаломската трка со кој го надополни заостатокот што го имаше во спуст каде постигна десето време.
Линдзи Вон по освоената бронза во спуст, се обиде настапот во Пјонгчанг да го збогати и со медал во алпски комбинации. После спустот, Американката беше во водство со 74 стотинки предност пред Норвежанката Рагхилд Мовинкел која во финалниот пласман заврши на четвртото место, и со 77 стотинки подобро време од Гисин. Тоа на Линдзи Вон и даваше надеж дека може да стигне до уште еден олимписки медал во Пјонгчанг, но во слаломската трка Американката стигна само до првото мерење и остана без завршмница и без медал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА