Швајцарците на мегдан со Вардар без играчот кој вреди 25 милиони и кого го бараше пола Европа

Лозана, тим кој е иден ривал на Вардар во 2. коло во Лигата на Конференции. Дефинитивно станува збор за фаворит, но не и тим од кој „црвено-црните“ треба да стравуваат, ако се има во предвид играчкиот кадар.

Згора на тоа на овој двомеч, швајцарците ќе бидат и дополнително ослабени со неиграњето на најдобриот играч Алвин Санчес. Станва збор за играч од средниот ред, чија вредност во моментов е проценета на 25 милиони евра. Токму толку нудеше Манчестер Јунајтед за неговите услуги во летниот преоден рок во 2024 година, но тогаш е решено да остане уште една сезона, и тука беше грешката.

На 15. март оваа година на натпреварот против Сент Гален, ги кине лигаментите на коленото, по што следува долга пауза. На тој натпревар швајцарскиот репрезентативец постигна и гол, но потоа мораше да ја напушти играта во 71. минута, а дијагнозата го покажа најлошото.

За Санчес беше заинтересиран и Бешикташ, се распрашуваше и Борусија Дортмунд, како и Порто, но на крајот остана во Лозана.

Во отсуство на Санчес, сега најскапиот играч на Лозана е Џејми Роче. Швеѓанецот кој игра во средниот ред во моментов има вредност од 5-6 милиони евра.

Се вчитува...