Шварц најдобар во Алта Бадија, Гоџа триумфално во Вал д’Изер

Австрискиот скијач Марко Шварц победи на денешниот велеслалом, кој се одржа во Алта Бадија, Италија, во рамките на Светскиот куп.

Во Алта Бадија, Шварц стигна до седмата победа во својата кариера во Светскиот куп. Тој забележа време од две минути, 35 секунди и две стотинки од секундата. Второто место го освои Лукас Пинеиро Бротен од Бразил, кој беше 18 стотинки зад победникот. Трет беше уште еден Австриец, Стефан Бренштајнер, кој беше 22 стотинки зад Шварц.

Првото место во генералниот пласман во велеслалом го држи Бренштајнер со 305 поени, додека Швајцарецот Марко Одермат е втор со 300 поени.

Одермат го предводи вкупниот пласман во Светскиот куп со 805 поени, додека Шварц е на втората позиција со 351поени.

Следната трка во Светскиот куп во машка конкуренција ќе се одржи утре во Алта Бадија, а на програмата е слаломот.

Италијанската скијачка Софија Гоџа победи на денешниот супервелеслалом, кој се одржа во францускиот Вал д’Изер во рамките на Светскиот куп.

Гоџа ја оствари својата прва победа оваа сезона со време од 1:20.24. Во Вал д’Изер, таа го забележа осмиот триумф во кариерата во супервелеслалом, а воедно стигна и до својата 27-ма победа во Светскиот куп.

Се вчитува...