Шведска ја забележа третата победа во низа во главната групна фаза во Братислава, славејќи над Германија со резултат 25-21 и зголемувајќи си ги шансите за пласман во полуфиналето. Германските ракометари повторно парираа додека имаа сила, но дополнително десеткувани по новите позитивни корона-тестови не можеа да го земат скалпот на големиот ривал. Така, германската репрезентација и трето ЕП по ред не успеа да се пласира во полуфиналето од континенталните собири.
Дуелот мина во израмнета борба во првите четириесетина минути. Шведска во голем дел го одржуваше водството меѓу еден и два гола, на одмор се замина со позитива на скандинавската селекција од 12-10, но Германија успеа да се врати, па во неколку наврати и да израмни во првите десетина минути од вториот дел. Резултатот последен пат беше израмнет при 15-15, кога шведската одбрана на чело со голманот Паличка ја направи клучната разлика, пивотот Бергендал заигра одлично во нападот, со што Швеѓаните си го трасираа патот кон новиот триумф.
Ване со шест гола беше најефикасен во шведскиот состав, додека на спротивната страна младиот Кестер со четири погодоци ги предводеше стрелците на германската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА