Ракометарите на Шведска конечно им донесоа малку радост на своите верни фанови во арената во Малме, триумфирајќи со 24-18 на дуелот против Унгарија, со што домаќините конечно ја прекинаа серијата од три порази на овој европски шампионат. Иако шансите за полуфинале се исчезнати, шведските репрезентативци одиграа беспрекорно во одбраната, неутрализирајќи ги главните унгарски оружја и заслужено стигнувајќи со победата.
Првото полувреме донесе цврста игра во одбраната и само 19 постигнати погодоци (10-9 за Шведска), за во вториот дел скандинавските ракометари да го скршат отпорот на противникот во последните десет минути, за своја прва победа во главната групна фаза. Пелас и Готфридсон со по пет гола беа најефикасни кај Швеѓаните, Апелгрен нанижа 11 интервенции, додека на спротивната страна најдобар поединец беше голманот Миклер со 14 одбрани, сепак премалку за да се стигне до позитивен резултат на оваа средба.
Унгарците и покрај денешниот пораз не ги загубија шансите за полуфиналето. За пласман меѓу најдобрите четири селекции во Европа потребна ќе им биде победа во последното коло против Португалија, но и пораз на Словенија во пресметката со Норвешка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА