Шведска за првпат доби странец селектор

Данскиот стручњак Јон Дал Томасон е именуван за нов селектор на шведската фудбалска репрезентација, со што стана првиот странски тренер на таа земја. Поранешниот дански напаѓач ќе го наследи Јане Андерсон на шведското кормило, кој беше отпуштен во ноември минатата година, откако не успеа да ја одведе Шведска до ЕВРО 2024 година.

Томасон, кој неодамна поднесе оставка како менаџер на англискиот второлигаш Блекбурн Роверс, потпиша договор до крајот на квалификациите за СП 2026 година, кој автоматски ќе биде продолжен доколку се квалификуваат за Светското првенство.

„Многу се радувам на почетокот на оваа голема задача и на средбата со навивачите, играчите и секако медиумите во Шведска“, изјави Томасон..

Томасон запиша 112 настапи за Данска и постигна 52 гола. Во текот на кариерата играше за Коге, Херенвен, Њукасл Јунајтед, Феенорд, Милан, Штутгарт и Виљареал. Тренерската кариера ја започна како помошник тренер на Екселсиор, беше асистент и во Витесе и во данската репрезентација, од 2020 до 2021 година ги водеше Малме, а последните две сезони беше на чело на Блекбурн.

Се вчитува...